Светската здравствена организација деновиве потврди дека во текот на годинава во светот имало еден милион смртни случаи од корона вирусот и тоа најмногу во: Америка, Русија, Бразил и Индија.

Д-р Тедрос Гебрејесус, шеф на агенцијата на Обединетите нации, посочи дека не можеме да кажеме дека сме научиле да живееме со корона вирусот кога сѐ уште се случуваат десетици илјади смртни случаи предизвикани од Ковид.

– Оваа недела ја минавме границата од еден милион пријавени смртни случаи од почетокот на годинава. Не можеме да кажеме дека научивме да живееме со Ковид кога голем број луѓе се уште умираат, а веќе две и пол години сме во пандемија и ги имаме сите потребни алатки за да спречиме смртни случаи – рече д-р Гебрејесус.

Гебријесус додава и дека единствено решение е да се вакцинираат повеќе од 70 отсто од населението, но сепак, 136 земји не успеале да ја постигнат оваа цел. Од нив 66 сè уште имаат ниска покриеност, под 40 проценти од вакцинираните.

– Една третина од светската популација останува невакцинирана, вклучувајќи две третини од здравствените работници и три четвртини од постарите лица во земјите со ниски приходи – вели тој.

Д-р Дерик Сим, директор на Меѓународната алијанса за вакцини, вели дека милион смртни случаи од Ковид оваа година е превисок. Варијантата на вирусот Омикрон опфаќа 99 отсто од примероците на вируси кои се собрани во последниот месец. Најмногу се работи за подваријантата БA.5 на вирусот, која сочинувала 74 отсто од примероците.