На глобално ниво, бројот на смртните случаи од Ковид-19 се намалил за 15 отсто минатата недела, а на нови инфекции со коронавирус за девет проценти, покажаа податоците на Светската здравствена организација (СЗО).
Од почетокот на пандемијата во светот евидентирани се вкупно над 596 милиони потврдени заразени и повеќе од 6,4 милиони смртни случаи поврзани со коронавирусот.
Изминатата седмица регистрирани се над 5,2 милиони новозаразени, што е пад од девет проценти во однос на претходната. Бројот на смртните случаи е над 13.680, помалку за 15 отсто.
Регионално, бројот на починати се зголемил за повеќе од 183 проценти во Африка, а доживеа пад за речиси една третина во САД. Но, СЗО предупреди дека податоците веројатно се сериозно потценети, бидејќи многу земји се откажаа од процедури за тестирање и надзор, што значи оти се откриваат помалку случаи.
Доминантен вид на коронавирусот глобално, моментално е подваријантата на омикрон БА.5, што сочинува над 70 отсто од позитивните примероци, појасни агенцијата на Обединетите Нации со седиште во Женева.