Делта сојот на коронавирусот е доминантен во голем дел од земјите во регионот, говорат последните податоци пратени до СЗО Европа и Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ). Во периодот помеѓу 28 јуни и 11 јули 2021, Делта-варијантата била доминантна во 19 од 28 земји. Од нив, 68,3% од просечната пропорција на сите откриени изолации на вируси во национална секвенца биле Делта, со што ја надминала Алфа-варијантата, која претходно доминираше во регионот.
Според регионалниот директор на СЗО Европа, Ханс Клуге, далеку сме од прогласување крај на пандемијата. Добрата вест е дека двојна доза од вакцините значително го намалува ризикот на лоша клиничка слика и смрт, посочува Клуге. Директорката на ЕЦДЦ, Андреа Амон, вели дека „треба да останаме многу внимателни и многу разумни за да го спречиме ширењето на вирусот“. Според неа, тоа значи целосна вакцинација со две дози веднаш штом се појави можност, како и физичко дистанцирање, миење раце, избегнување места каде има многу луѓе и носење маска кога е потребно.
СЗО и ЕЦДЦ ги повикуваат приоритетните групи, постарите, луѓето со хронични болести и здравствените работници да се вакцинираат целосно за да се заштитат себеси, а и луѓето од ранливите категории кои имаат контакт со заразната болест.
Исто така, се препорачува брза испорака на вакцини до сите групи кои може да се вакцинираат. На места каде Делта-варијантата се шири, се препорачува интензивно спроведување на сегашните здравствени мерки, меѓу кои поголем пристап до тестирање, најмногу бидејќи процентот на вакцинирани се уште не е доволно висок во многу земји. Се советува и избегнување на затворени простори.
– Од патувањето, поголема улога има местото. Местата кои се затворени или каде има метеж можат да го зголемат ризикот да се инфицирате со Ковид-19. Бирајте места на отворени, проветрени простории, одржувајте растојание најмалку од еден метар и носете маска, истакнува СЗО Европа.