Отткако Венко Филипче стапи на функција министер за здравство не дојде живот, влезе смртта на голема врата. Револтираноста на граѓаните и очајноста не се слуша од страна на минситерството за здравство кое е надлежно. Секојдневните скандали се прикриваат и заташкуваат преку медиуми. Единствената алатка за да се дознаат скандалите кои се случуваат во здравството се социјалните мрежи, единствено таму само граѓаните се чуствуваат слободно да си ги кажат своите маки и да побараат одговорност од Филипче. Од таму се дозна за низа скандали кои ја потресоа јавноста и веднаш побараа одговор на се.

За краток период се случија пропусти  со морбили, се заразија и деца болни од рак, умирање на операции, од скршеници, смртоносна бактерија на една од клиниките… Нема јасни одговори, уште помалку одговорност за толку многу пропусти и трагедии во за краток период.

КАМПАЊА ИЛИ АНТИ-КАМПАЊА

Најголема дебата предизвика вакцинирањето на децата. Се почна со прогласување на епидемија и кампања за вакцинирање. Деца кои не се вакцинирани не можат да одат во градинка, ниту во училиште. Епидемијата не стивнува. Кампањата за вакцинирање се претвори во антивакцинална кампања.

Се појави информација дека има вакцини со поминат рок, потоа дека вакцините се со добар рок дека само декларациите се погрешни. Но, Агенцијата за лекови за недела дена по објавување на веста со декларациите одчучи вакцините со непрописни декларации треба да се уништат.

Но, приказната не завршува тука. Падна одлука од обвинителството вакцините да не се уништуваат, да останат во просториите на „Македонијалек“. Основното јавно обвинителство нареди вакцините со погрешни декларации да не се уништуваат и да се чуваат во просториите на „Македонијалек“.

-Вакцините ќе бидат попишани и обезбедени, а ќе останат во просториите на „Македонијалек“, бидејќи таму има соодветни услови за нивно чување.

Министерството за здравство и понатаму тврди дека вакцините кои се појавија со изминат рок на траење, биле исправни. Настојуваат дека погрешните декларации биле само печатна грешка, а квалитетот на вакцините не е спорен.

БЕЗ ОДГОВОР

Во целата ситуација останаа многу дилеми, нема одговор на многу прашања. Во „играта“ чинат – нечинат вакцините, не се даде одговор дали некое дете е вакцинирано со оние флакони со погрешна декларација, иако има информации дека деца покажуваат симптоми кои не се вообичаени за овој тип на вакцина, кои се симптомите или која е опасноста за децата доколку примиле ваква вакцина. Министерот за здравство, Филипче направи само хаос во главите на родителите. И најголемите поборници на вакцинирањето сега се сомневаат и имаат дилема дали да ги вакцинираат децата.

ДЕЦА

Во целиот хаос најмногу настрадаа децата. Со морбили се заразија дури и здравствени работници, негувателки, млади, и деца болни со рак.

Деца кои се хоспитализирани на Клиниката за детски болести, а се на одделите како интензивна нега, гастро, хематологија имаат морбили. За ова сведочеа родители на деца кои лежат на Детската клиника. Родителите се загрижени и велат „дојдовме со една мака, сега стравуваме да не фатат уште сипаници“.

Директорката на Клиниката за детски болести, Катарина Ставриќ соопшти дека се преземи мерки, односно забранети се посети, сепак ова отвора многу дилеми и прашања како за персоналот на Клиниката, така и за родителите на хоспитализираните деца, но и оние кои имаат потреба да ги однесат таму децата поради други симптоми или болести. Но, и за ова нема одговор.

Многумина надлежни, како лекари, лица од Институтот за јавно здравје укажаа дека сето ова е последица на лош менаџмент од страна на директорите, но и од Филипче. Не само лош менаџмент, туку и лош Пи-ар. Филипче се пофали дека ја вакцинирал внука му, но потоа призна „таа е многу мала за оваа вакцина“.

СЕ УМИРА ОД СКРШЕНИЦА…?!

Каде, ако не на социјалните мрежи, јавноста се информираше за смртта на 33 -годишниот татко и сопруг. На скијање ја повредува ногата, има скршеница, направена е операција и го пуштаат дома. Но, забораваат на основната терапија, да му се даде антикоагулант или Клексан поради што умира. Тој остава две деца сирачиња од кое едното е бебе од пет месеци.

Одговорност нема. Како што нема одговорност за случувањата со морбилите, така нема одговорност ниту за ова. Во јавност не излегува ниту директорот на болницата каде е извршена операцијата, министерот никаде го нема.

Смртен случај имаше и на Клиниката за абдоминална хирургија. Таму се појави и директорот Зоран Караџов. Караџов случајот го искоментира вака:„Секој има право да умре“. Зарем не беше паролата на СДСМ „План за живот“?! Ја заборавил ли министерот Филипче, а дали ја памети премиерот Зоран Заев или сега е „План за смрт“.

СМРТОНОСНА БАКТЕРИЈА

На Клиниката за стоматологија се појави бактерија МРСА. Повторно пропуштени протоколи. Вработениот кој е заболен е протетичар,  тој бил во контакт со материјали, површини, како и со докторите, а тие протезите ги даваат на пациентите.

МРСА предизвикува опасни крвни инфекции, воспаление на белите дробови или инфекции на местото на хируршкиот зафат. Симптомите се појава на булбуси на кожата коишто се црвени, отечени, болни и топли на допир, како и висока температура, грозница, слабост, болки во мускулите и така натаму. Во случаеви на агресивен облик на болеста, доаѓа и до сепса, инфекции на срцевите залистоци или коските и воспаленија на белите дробови.

Од министерството за здравство пак нагласија „нема опасност од зараза и Стоматолошкиот клинички центар непречено и континуирано обезбедува здравствени услуги за пациентите“.