Директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Скопје, Абдусамед Шабани и заменик-министерот за здравство, Асим Муса денеска најавија многу скоро решавање на проблемот со одржување на хигиената и чистење на дворот на Клинички центар, но не прецизираа дали Центарот ќе го исплати долгот што го има кон ова јавно претпријатие.
– Имавме еден координативен состанок со заменик-министерот за здравство и сите ќе се залагаме да најдеме заеднички јазик за решавање на проблемот со одржувањето на хигиената во дворот на Клинички центар. Со помош и на другите јавни градски претпријатија, во координација и со градоначалникот на Град Скопје ќе најдеме заеднички јазик за решавање на проблемот, рече Шабани.
Тој додаде дека денеска ги посетил своите вработени кои го чистеа дворот, и најави дека акцијата ќе продолжи и утре поради помалата фрекфенција на луѓе и возила. Шабани рече и дека вакви повремени акции ќе има и во иднина, без разлика дали се или не се обврзани, бидејќи, како што потенцира и покрај проблемот совеста не им дозволува да не го чистат Клиничкиот Центар.
Заменик-министерот за здравство само кусо повтори дека очекува многу скоро решение на овој проблем.
– На праг сме на решение на оваа на состојбата. Тие секогаш изразуваат доба волја да ни помогнат и покрај тешкотиите што ги имаат, но, како што рече и директорот на ова претпријатие на праг сме на решавање на актуелниот проблем, истакна Муса.
Бидејќи ѓубрето на Клинички стана најголем проблем во државата, претпладне во кругот на скопските клиники изјава за медиумите имаше најавено и градоначалникот на Скопје Шилегов на која требало да дојде и министерот за здравство Венко Филипче. Но новинарите беа известени дека Шилегов ја откажал изјавата. Останува нејасно дали постои некоординираност меѓу коалиционите партнери во власта и едните најавуваат едно другите друго. Но ниту ДУИ ниту СДСМ засега не бараат одговорност од директорката на Заеднички служби која на функцијата е 11 години и покрај фактот што знаат дека наместо пари за чистење ги трошела за други работи.