Владата и Министерството за здравство не преговараат со никого за преземање на Детската кардиохирургија, истакна владиниот протпарол Миле Бошњаковски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.
-Во моментов се прави анализа за конечно решение и во која насока во иднина треба да се реализира евентуалното јавно-приватно партнерство. Анализата се прави исклучиво во интерес на бенефитот на децата во Република Македонија, изјави Бошњаковски.
Нагласи дека консултациите се во тек и оти нема да се донесе никаква одлука пред јавноста да се вклучи во дебатата и пред да се утврди кое е најдоброто решение во однос на постоењето на Детската кардиохирургија и евентуалното јавно-приватно партнерство со некоја од приватните здравствени установи во земјава.
Од друга страна министерот за здравство Венко Филипче пред некој ден информираше дека се разгледува опцијата за јавно-приватно партнерство со приватната установа Клинка Жан Митрев, поранешна Филип Втори, за да се искористи добриот инфраструктурен капацитет што го има болницата.
–Станува збор за јавно-приватно партнерство со целосно преземање на сите вработени во тимот за детска кардиохирургија. Идејата е да се обезбедат подобри услови, оти сега работат на Клиника за детска хирургија. Многу често се пополнуваат капацитетите, а детската кардиохирургија бара целосно користење на салите. Размислувавме да ги префрлиме на Кардиохирургија за возрасни, но тоа бара дополнителни инвестиции и дополнителна опрема.
Во комуникација со одговорните од Клиниката Жан Митрев, во текот на вчерашниот ден ни го дадоа следниот одговор по ова прашање:
-Ние од клиниката Жан Митрев веќе стапивме во контакт и разговаравме со министерот за здравство Венко Филипче за можноста детска кардиохирургија да се префрли нашата клиника.
Префрлувањето на детската кардиохирургија во приватната Клиника подразбира дека Фондот за здравствено осигурување треба да ги покрива средствата за ваков вид на операции. Како што информираат од Клиниката Жан Митрев, истата со Фондот за здравствено осигурување има договор за детска кардиохирургија, повеќе од 18 години и како што велат работат детска кардиохирургија на деца постари од една година.
-До сега имаме направено над 1000 операции, воедно и минимално инвазивни процедури, информираат од Клиниката. Новина, велат од Клиниката Жан Митрев, е само новороденчињата да се приклучат на тоа што е веќе договорено со ФЗОМ.