ДСЗИ денес конечно донесе решение со кое на Катлановска бања ѝ се забранува да дава здравствени услуги, бидејќи при вонредниот надзор направен минатиот месец констатирале дека овој правен субјект нема дозвола од Министерство за здравство за вршење здравствена дејност.
Тука се наметнува прашањето, Од кога немале дозвола, кога им истекла, зопто требало да помине толку време за да се прекине со работа и што со сите тие пациенти кои дошле мислејќи дека добиваат медицинска услуга која е проверена од институциите на државата, што ако некој од нив има било каква забелешка во овој меѓу период? Каде се правата на македонските пациенти и до кога ќе бидат вака манупилирани од страна на институциите кои треба да влеваат доверба во народот, а не да го уриваат угледот на македонското здравство како што е случај? – прашуваат група граѓани со кои разговаравме
Д-р Ирина Сотирова Бухова, директор на ДСЗИ, рече дека при вонредната контрола, која ја направиле на 14 минатиот месец по анонимна дојава, во Катлановска бања затекнале тројца доктори, кои не се македонски државјани и кои немале лиценца за работа во земјава, а како даваат здравствени услуги. Таа објасни дека затекнатите странски доктори биле анестезиолог, дефектолог и ортопед, кои во време на вонредниот надзор биле затекнати како вршат прегледи.
„При надзорот правниот субјект не даде на увид дозвола за вршење здравствена дејност од Министерството за здравство, поради што донесовме решение со кое на овој субјект му се изрекува забрана за вршење на здравствени услуги. Тоа значи дека не се забранува бањско рекреативно лекување, но сите здравствени услуги за кои пациенти се упатуваат да ги добијат на товар на ФЗОМ се забранети. Тоа вклучува и медицинска рехабилитација и прегледи“, рече Бухова.
Според Бухова сите пациенти кои во моментов се во Катлановска бања, а кои се упатени како осигуреници на ФЗОМ ќе останат таму додека не го завршат лекувањето, а забраната се однесува на прием на нови пациенти.
Таа кажа дека инспекторатот нема надлежност да врши инспекција во делот на бањското рекреативно лекување, но дека сѐ што е на товар на ФЗОМ е забрането додека правниот субјект не обезбеди дозвола за вршење на дејноста од Министерството за здравство.
„Не можам да кажам зошто во претходните редовни контроли кои ги правел ДСЗИ не е утврдено дека овој правен субјект нема дозвола за вршење здравствена дејност, можам да зборувам само за времето откако сум во оваа институција. Не можам да кажам ниту како ФЗОМ склучувал договори за покривање здравствени осигуреници со овој правен субјект, тоа прашање треба да го одговори Фондот“, кажа Бухова.
Директорот на ФЗОМ Ден Дончев молчи, исто така не се посочува ниту причината зошто е фаворизирана од негова страна струмичката бања за лекување на товар на фондот иако е бања со најмал капацитет?
Лекарската комора на Македонија вели дека Катлановска бања до нив не доставила барање за издавање времена лиценца за работа на странски доктори.
Од ФЗОМ нема одговор како со години склучувале договор за купување здравствени услуги од Катлановска бања во услови кога овој правен субјект немал дозвола за вршење здравствена дејност. Фондот не кажа ниту дали годинава е склучен нов договор, со оглед на тоа дека управниот одбор на ФЗОМ уште во јануари годинава направил нова прераспределба на квотите за бањско лекување, со кое за тројно се зголемени квотите на Бањата во струмица иако таа е со најмал капацитет. Како и за распределбата на квотите, така и за овој случај ФЗОМ молчи.