Тимови од сите институции денес вршеа надзор во штипската клиничка болница. И координираната акција се уште не го најде изворот како 11 поранешни пациенти на ортопедија се заразиле со вирусот Хепатит Ц. За тимовите што денес трагаа по причините за заразата, велат дека се собрани информации по што ќе бидат утврдени насоките по кои ќе се постапува понатаму.

Претходно и од Институтот за јавно здравје најавија дека ќе се прават епидемилошки анкети со сите поранешни пациенти кои од летово биле хоспитализирани на одделението за ортопедија. Врз основа на нив ќе се прави аналитичка студија што треба да го каже најверојатното сценарио како досега 11 пациенти се заразиле со вирусот Хепатит Ц.

– „Првите случаи се пријавени кон крајот на Јули. Досега меѓу нив не е пронајдена никакава друга врска освен дека извесен период биле хоспитализирани на ортопедија во штипската болница. Епидемиолозите велат дека тешко може да се поврзат пациентите, кои не само што доаѓаат од различни градови туку и не биле подложени на исти процедури.“

По пријавата на првите случаи од Клиничката болница ги сменија предоперативните протоколи. Тоа значи дека сега тестирањето за хепатит е задолжително пред секоја интервенција. Токму тој предоперативен скриниг откри нови осум случаи на Хепатит Б и Ц кај осум пациенти кои требало да одат на операција. Хепатит Ц е вирусно заболување што го напаѓа црниот дроб и се пренесува исклучиво преку крв или отворени рани.