Според одредена анализа од 200 до 2.000 денари плаќаат жените за прегледи кај матични, избрани гинеколози и покрај тоа што, законски, тие треба да бидат бесплатни. Цената зависи од тоа колку и какви прегледи се направени и кај кој лекар оди пациентката. Наплатуваат најголем дел од овие специјалисти, а пари им земаат и на бремените, иако тие се ослободени и од партиципацијата во сите нивоа на здравствениот систем. Така, жените непотребно плаќаат, а овие лекари земаат пари кои ниту се евидентираат ниту се оданочуваат, а државата досега само советува не наоѓајќи целосно решение на овој долгогодишен проблем.
Проблемот со незаконското плаќање кај матичните гинеколози има повеќе страни. Жените во многу места тешко наоѓаaт матичен гинеколог зашто има недостиг од овој кадар, па кога ќе го изберат, често премолчуваат за плаќањето. Од друга страна, многу не знаат што им следува бесплатно. Гинеколозите, пак, велат дека државата го потценува нивниот труд, имаат големи трошоци, и со тоа колку им плаќа за да ги водат пациентките, не може да заработат за нормално да функционираат. Преку здружение неодамна предложија решение на проблемот и до новото раководство на Фондот за здравство, но засега немаат одговор. За да го реши, оваа институција треба да обезбеди плус пари.
Д-р Душко Филиповски, претседател на Здружението на приватни гинеколози, вели дека за да се реши проблемот, треба да се преземат низа мерки. Здружението пред околу еден месец поднело предлог до Фондот за здравство во кој бара да се промени начинот на кој државата ги плаќа матичните гинеколози.
· Прво бараме да се зголеми бодот според кој месечно се исплаќа капитација на лекарите од 50 на 60 денари.
· Да се воведат коефициенти, кои се множат со бодот, за возрасни групи. Најголем коефициент – три да имаме за жените од 18 до 45 години, еден и пол да биде за жените од 45 до 60 години, а еден за жени над 60 години и возрасната група од 12 до 18 години. Најмалку од сè сакаме да се споредуваме, меѓутоа, кај општите лекари, според коефициентите и според годините, една свекрва вреди речиси колку четири снаи – вели д-р Филиповски.
Тој објаснува дека во предлогот стои да се определи основен пакет на услуги со кој ќе се знае што за овие средства што ги плаќа државата ѝ следува на пациентката во текот на годината.
Треба да седнат Фондот и Министерството за здравство и да се определи опсегот на работата. Има цела низа услуги што може да ги даваме, ако се дозволи, па така ќе се намали препраќањето пациентки во повисоки нивоа на здравствениот систем – вели докторот.
Тој објаснува дека една ординација без 100.000-120.000 денари месечно не може да функционира.
Кај нас има многу трошоци. Освен за платите, ние купуваме гелови, ракавици, кондоми, препарати и лекови, инструменти за работа, мора да се одржува и обновува апаратурата за да работиме успешно- додава д-р Филиповски.
Проблемот со плаќањето постои во услови кога здравствените власти и лекарите апелираат жените навреме да одат на гинеколог и за да се спречат несакани болести и за да одржуваат здрава бременост. Тоа, освен здравје, може да значи живот за пациентката, но и за бебето што треба да се роди.