Лекари и специјалисти недостасуваат во сите болници и клиники ширум земјава. Нема гинеколози, интернисти, рендгенолози кои постојано заминуваат во странство на доедукација и таму остануваат, алармираат лекарите. Според нив, кадарот со кој сега располагаат е исцрпен и пред пензија. Освен зголемување на бројот на специјализации, докторите бараат и поголема мотивација за младите лекари да останат во државата.
Поради пензионирање или заминување во странство, состојбата не е алармантна само во главниот град. Речиси во сите градови има недостиг од лекари. Во Велес и Кавадарци одат гинеколози и хирурзи од Скопје, а за две години ќе нема кој да ги лекува и децата. Најлош е тетовскиот регион каде се потребни близу 60 доктори, 40 во Битола и Штип и 25 во Струмица.
Дека студентите после студиите по медицина си одат на специјализација во странство потврдуваат и професорите. Алармираат државата час поскоро да направи стратегија и да размисли како да ги задржи да останат дома.
Според анализите на Министерството за здравство, во скопските болници има потреба од вработување на околу 150 лекари. Сега се доедуцираат близу 400 доктори.
Здравствените работници на Светскиот ден на семејните и општи лекари, бараат и поголема доверба во матичните лекари.
По овој повод беше промовирана и монографија по повод 70 години постоење на Здружението на лекари по општа и семејна медицина во рамки на Македонското лекарско друштво.