Подобрена е здравствена состојба на деветгодишното момче од Охрид кое вчера попладне со возило на Брза помош и со утврден дијабет тип 1 беше донесено на Детска клиника. На одделот за ендокринологија ќе биде префрлено и 14 годишното девојче од Охрид, кое пред три дена заврши на КАРИЛ во коматозна состојба и со големо ниво на шеќер во крвта. Детските ендокринолози се загрижени како девојчето стигнало до таа состојба, но и зошто за една недела има 4 новооткриени случаи со оваа дијагноза кои сите завршиле на скопските клиники.
-Такви тешки состојби сме имале, но ретко. Тоа беше многу ургентна состојба за нас, детето беше во многу тешка состојба. А зошто ова се случува сега кога има 4 случаи за 5 дена, дали е вироза која е откочувач., тригер за дијабетесот, или, некоја случајност, вели др. Марина Крстевска Константинова, ендокринолог во Клиника за детски болести
Константинова апелира дека треба многу голема внимателност бидејќи непрепознавањето навреме на симтомите на дијабет тип еден кај деца може да заврши и фатално. Многу пиење на вода, често мокрење или желба за многу храна се знаците кои според ендокринолозите можат да ги забележат и родителите. Но велат дека стручност треба да покажат и лекарите.
-Секогаш да бараат анамнестички податок. Што било и претходно, ако дошло за стомачен вирус да распрашаат што претходело на тоа, често се случува ние лекарите да го превидиме дијабетот, вели др. Константинова.
На Детска клиника третираат околу 450 деца со дијабет тип еден. Бебе од месец ипол е најмладиот пациент кај кого ја утврдиле оваа дијагноза. И додека лекарите ги санираат последиците, од Државниот санитарен и здравствен инспекторат сеуште испитуваат дали лекарите од Охрид, Гевгелија и Свети Николе од каде се децата, навреме реагирале и ги препознале симптомите на дијабет. Експерти, пак, тврдат дека ова е системски проблем кој на виделина го покажува недостатокот на педијатри во болниците во внатрешноста.