Министерот за здравство Фатмир Меџити апелира пациентите да ги пријавуваат сите неправилности со кои се соочуваат во здравствениот систем, посочувајќи дека дефектите не можат да се решат преку ноќ. Тој повтори дека ќе се постапува ригозорозно за сите злоупотреби. Според него, пациентите на Клиниката за онкологија примаат квалитетна терапија и повтори дека таму работат, како што истакна, врвни професионалци. Во меѓувреме, Министерството соработува со МВР и Обвинителството.
– Се што треба од наша страна… документи плус и советувања и документација што уште не е побарана, ние сме многу транспарентни и отворени и тука сме да придонесеме случајот што побрзо да се реши. Ви гарантирам како министер за здравство дека ќе има разрешување на случајот и нема целата лекарска фела да биде под притисок и ќе има точно име и презиме кој се огрешил и кој ќе сноси последици“, изјави Фатмир Меџити – министер за здравство.
Од опозицијата пак истакнаа дека криминалот можел да се спречи, ако здравствените власти го пуштиле во употреба т.н. КАТО-систем кој овозможува контрола над терапијата и лековите. Според ВМРО-ДПМНЕ, криминалот на Клиниката на онкологија започнал во 2017-тата година кога овој систем бил укинат иако е набавен за 350 илјади евра.
„Значи 6 години КАТО е исклучен, со години се укажува на криминалот, има случаи на фатени кражби и продажби, се менуваат директори, ама никој – баш никој, ниту владата, ниту министер, ниту доктор, ниту обвинителство, не прашува зошто КАТО системот стои исклучен кога е купен, и не се враќа системот во употреба!?“ изјави Наум Стоилковски – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно од владејачката партија порачаа „опозицијата да ја поздрави акцијата на надлежните институции наместо да ја политизира, злоупотребувајќи ги болните“.
Инаку, додека политичарите пред јавноста најавуваат драконски казни за сторителите, од Обвинителството информираа дека случајот се уште е во фаза на предистрага и се анализираат докази.